До крајот на 2023 година треба да бидат затворени десет блока во термоцентралите во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија, поради усогласување на производството на струја со правилата на Европската Унија. Иницијативата за затворање се спроведува врз основа на ЕУ-директивата за големите печки, се наведува во извештајот за Следење на енергетската транзиција, пренесува порталот „Балкан грин енерџи њуз“.
Целосен прекин на работата ги чека две српски електроцентрали: „Колубара А“ и „Морава“, а привремен прекин е најавен за ТЕ „Пљевља“ во Црна Гора. Образложението за гаснењето на десетте блока се однесува на ограничување на пречекорувањето на дозволената граница на емисија на штетни гасови со сулфур диоксид, азотни оксиди и честички прав од постојните електроцентрали.

Со директивата не се наметнува гаснење на сите печки во електроцентралите, но се ограничува на 20 илјади киловат-часа од почетокот на 2018 до крајот на 2023 година.
Првата електроцентрала што би можела да биде исклучена од мрежата, во ноември годинава, е ТЕ „Пљевља“. Втора на списокот е ТЕ „Колубара“, од која во август 2021 се гасат трите блока, а трета е ТЕ „Какањ“ во Босна и Херцеговина, која треба да го изгасне блокот пет во октомври годинава. Во БиХ би требало да се затворат и ТЕ „Тузла“, а нејзиниот блок четири треба да се затвори во јули 2022 година, а блокот три во април 2023.
Во Србија затворањето на ТЕ „Морава“ е планирано за јуни 2022 година, а „Колубара А“ целосно ќе биде затворена во декември 2023 година.

Четирите земји БиХ, Косово, Македонија и Србија, одлучија да искористат и уште еден модел за примена на Директивата на ЕУ за производство на енергија. Затоа е усвоен Националниот план за намалување на емисијата (НЕРП), со кој се поставува горната граница за емисија за одредена група постројки. Според податоците од 2019 година, емисиите на штетни честички во поголемиот број случаи се поголеми од оние што се предвидени со плановите НЕРП, се заклучува во извештајот за Следење на енергетската транзиција.