Црногорскиот весник „Вијести“ јавува дека Владата усвоила предлог за почнување преговори со Европската Унија за припадници на европската гранична мисија Фронтекс да се распоредат на црногорските граници.
Целта на овој предлог е да се затвори новата западнобалканска маршрута во случај на зголемен наплив на мигранти. Маршрутата преку Македонија, која беше затворена во 2016 година, сега во помал обем функционира преку Грција и Албанија, што ја доведува и Црна Гора во опасност. Според предлогот, агентите на Фронтекс би имале имунитет во Црна Гора и би дејствувале заедно со црногорските безбедносни служби. Тие би носеле оружје и опрема за контрола на границите.
Агентите на Фронтекс дејствуваа на македонско-грчката граница во екот на мигрантската криза. Тие би имале овластувања и да лоцираат припадници на терористички групи што се обидуваат да се уфрлат во Европа како мигранти.