Неколку земјотреси вчера утрината го погодија грчкиот остров Крит, а најсилниот бил со интензитет од 5,8 степени според Рихтеровата скала, јавија грчките медиуми.
Пријавена е материјална штета во градот Ираклион и таму е наредена и евакуација на училиштата и на сите институции. Грчките медиуми засега информираат дека има најмалку едно лице загинато како резултат на земјотресот. Во прашање е градежен работник што работел на обнова на црквата во селото Аркалохори, јави весникот „Катимерини“.
Во меѓувреме тоа го потврди и градоначалникот на Аркалохори, село на Крит, кој наведе дека се оштетени две цркви и други згради во селото.
Според неговите зборови, сѐ уште се заробени две лица под урнатините, едно е во црквата во која се срушила куполата, а второто е во својата куќа.
Првата процена на Геодинамичкиот институт, за земјотресот што вчера го погоди Крит е дека бил со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала, со епицентар 78 километри јужно од Ираклион, најголемиот град на островот. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар проценил вибрација на 6,2 степени, пишува Катимерини.
Според првичните извештаи, првиот епицентар бил на длабочина од 10 километри, а наредните измерени потреси биле со јачина од 3,8 и 4,5 степени. Сведоците и локалните медиуми тврдат дека земјотресот траел долго и оти силно се почувствувал не само во Ираклион туку и низ Крит, а и на островот Санторини.
Инаку, ова е еден од поголемите потреси во Европа годинава. Последниот голем земјотрес на Стариот Континент се случи во централна Италија на 24 август годинава, кој однесе 256 животи и остави повеќе од 40 илјади луѓе без покрив над главата.