Многу граѓани од Западен Балкан, поради препораките за физичко дистанцирање, се одлучија за секојдневно користење на автомобилите наместо да патуваат со градскиот превоз, а некои што се греат на дрва се подолго време изложени на загаден воздух

Како физичкото дистанцирање е во корелација со зголеменото загадување на воздухот

Балканските власти не покажаа доследност во спроведувањето на политиките на заштита на животната средина и за подобрување на здравјето и квалитетот на граѓаните, а доказ за тоа е фактот што повеќето земји од регионот секојдневно ги кршат прописите за квалитетот на воздухот, вели Срѓан Кукољ, советник за Балканскиот Регион во Алијансата за заштита на здравјето и околината – ХЕАЛ. Тој во разговор за „Ал џезира“ презентираше податоци од анализи, според кои, просечна термоцентрала на јаглен на Западен Балкан емитира 35 пати повеќе сулфур диоксид и 14 пати повеќе ПМ-честички во споредба со просечна електроцентрала на територијата на ЕУ.
– Загадувањето на воздухот добива најголемо внимание во јавноста во текот на зимскиот период. Почнува грејната сезона и се зголемува употребата на фосилни горива и бројот на возилата на улиците. Унапредување на квалитетот на воздухот подразбира структурни промени и самата транзиција во областа на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните бара заеднички напор на целата заедница. И натаму е неоправдано отсуството на одлучност кај водачите на државите во спроведувањето стандарди за забрзување на преминот од загадена во поздрава средина за живот на листата – вели Кукољ.

Тој посочува на еден показател што е идентификуван на териториите на земјите од Западен Балкан во периодот на епидемијата на ковид-19, а што се поврзува со проблемот на загадувањето на воздухот. Имено, многу граѓани, поради препораките за физичко дистанцирање, се одлучија за секојдневно користење на автомобилите наместо да патуваат со градскиот превоз. Многу граѓани се принудени да престојуваат подолго време во затворен простор со членовите на многубројните домаќинства што користат цврсти горива за огрев и за готвење, што создава услови за зголемена и долготрајна изложеност на загаден воздух.
ХЕАЛ неколкупати ги повика шефовите на државите од Западен Балкан и претставниците на Европската комисија сите капацитети да бидат насочени на имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан како инструмент за намалување на влијанието на загадувањето на воздухот на здравјето на граѓаните.
– Повеќедецениската зависност на Западен Балкан од фосилните горива не дозволува итна акција и бара стратегиски пристап во решавање на проблемот со загадувањето на воздухот. Јавното игнорирање на овој проблем од претставниците на власта ни кажува зошто не е намалено загадувањето на воздухот.

Јакнењето на мрежата на јавниот транспорт, зголемување на површините за пешаци и велосипедисти, воведување енергетска ефикасност во домаќинствата со замена на застарените печки на дрва, се мерки што можат брзо да се спроведат од самата транзиција на енергетскиот сектор, кој е доминантен загадувач на Западен Балкан – вели Срѓан Кукољ, на прашањето што е неопходно веднаш да се направи во Сараево, Загреб, Белград, Приштина и Скопје, кои се на врвот на листата на најзагадени престолнини во Европа и во светот.