Граѓаните во Хрватска се најзадолжени од државите во регионот, а просечниот долг на едно вработено лице изнесува 10,87 илјади евра, додека во Црна Гора задолженоста по еден вработен изнесува 5,39 илјади евра.

Резултатите од истражувањето објавени во „Блиц“ покажуваат дека граѓаните во хрватските банки должат повеќе од 15 милијарди евра, во Србија долгот на граѓаните изнесува над осум милијарди, во Босна и Херцеговина 3,2 милијарди евра, во Македонија две милијарди евра и во Црна Гора 1,2 милијарда евра.
Секое вработено лице во Србија е задолжено со 2,8 илјади евра, а во Босна и Херцеговина должи во просек по 7,05 илјади евра.

Граѓаните во регионот најчесто се задолжувале за општа потрошувачка, за што влегувале во минус на кредитните картички или земале потрошувачки кредити, а на второто место се станбените кредити.

Вредноста на станбените кредити во Србија достигнала 3,3 милијарди евра, што е пораст од три отсто од почетокот на годинава, а готовинските кредити изнесуваат околу три милијарди евра, што е пораст од 11 отсто. Најголем пораст, од 12,8 отсто, од почетокот на годинава, имале кредитите за рефинансирање на претходно преземените обврски од други банки.