Момче со високо подигнати раце и стиснати тупаници, околу чиј врат има бесилка, е прикажано на впечатливата црно-бела фотографија што се наоѓа на влезот на зградата на Обединетите нации (ОН) во Њујорк. Станува збор за Хрватот Стјепан Филиповиќ, кој е роден во Опузен, но уште како дете, со родителите се преселил во Србија. Познатата фотографија настанала во српскиот град Ваљево неколку минути пред Стјепан, или како што е познат во Србија, Стево, да биде обесен, пишува хрватскиот портал „Индекс“. Тој бил убиен токму на денешен ден, 22 мај, во 1942 година, на негова 26-годишна возраст.

Стјепан уште пред Втората светска војна бил член на локалниот огранок на тогаш забранетата Комунистичка партија, а бил и еден од организаторите на отпорот кон нацистите во Ваљево, по окупацијата. На Бадник 1941 година, Филиповиќ бил заробен од четниците кои го испорачале на Гестапо. Нацистите, пак, го погубиле, по повеќемесечно мачење, како предупредување за локалното население. 

Филиповиќ е убиен истиот ден кога во Шибеник е стрелан Раде Кончар, со што има сличности помеѓу нивните судбини. Хрватот Филиповиќ е предаден од четниците на Германците, додека Србинот Кончар е предаден од усташите на Италијанците.

– Во Ваљево и во Опузен има споменици подигнати во чест на Филиповиќ, но оној во Хрватска е разурнат во 1991 година. Оној во Ваљево е исчкртан со графити, но уште се држи. Филиповиќ е заборавен во Хрватска со текот на времето. Во ревизионистичкото лудило што трае до денес, антифашистите се тргнати на страна. Не се пожелни, а Филиповиќ уште помалку, бидејќи се одзивал на името Стеван – пишува „Индекс“. 

Таков е случајот во Хрватска, додека за ОН, Филиповиќ е некој што требал да биде истакнат. Сликата на младото момче, на прагот на животот, кое со подигнати тупаници ѝ пркоси на смртта пред фашистичката бесилка, останува еден од највпечатливите спомени на антифашизмот.