Жителите на окрузите Макимали и Платана на грчкиот остров Евија преживеале уште една стресна ноќ поради повторно активирање на пожарите, пренесува „Та Неа“.

Еден од околните жители, за приватната грчка телевизија „Уан Ченл“, раскажал што преживеал за време на страшните пожари во Платана.

– Преживеавме и уште живееме кошмар. И покрај тоа што бевме уверени дека пожарот беше под контрола, тој се наближуваше. Останавме за да ги спасиме нашите домови и работите кои ги поседуваме – изјавил жителот.

Пожарот на Евија избувна во вторникот наутро, на подрачјето на Агрилица, и брзо се прошири поради силните ветрови. Ветерот и непристапниот терен ги отежнуваат напорите на пожарникарите да го совладаат огнот.

– Овој пожар кој ги зафати шумите во Евија повторно на гневен начин нѐ потсетува дека времињата драматично се менуваат, дека климата сѐ повеќе влијае на нашите животи, дека нашите лета ќе бидат зафатени од пламени и нашите земи ќе бидат многу студени и тешки – наведуваат грчките медиуми.

Вкупно 382 пожарникари со 98 возила се бореа на непристапниот терен за да го надвладеат пожарот во текот на ноќта. Ним им се придружија 38 војници кои доброволно се пријавиле и 16 други возила обезбедени од локалните власти и волонтерите.

Во 6.30 часот утрово во борбата против пожарите се вклучија и пет хеликоптери. Авионите за противпожарна заштита и хеликоптерите не можат да се користат ноќе.

И покрај сите овие напори, пожарот сè уште беснее низ клисурата уништувајќи огромен број на дрвја.