Сараево е на врвот на најзагадените градови во светот. Од 26 октомври во главниот град на БиХ, само еден ден добил оцена „умерено загаден“, а една од главните причини е спречувањето на проветрувањето на воздухот со високите градби

Од загадениот воздух годишно во Босна и Херцеговина предвремено умираат 3.300 луѓе, од нив 16 отсто се од Сараево и од Бања Лука. На ниво на БиХ, девет отсто од вкупниот годишен морталитет се должи на нечистиот воздух, покажуваат податоците на Светската банка. Сараево е на врвот на најзагадените градови во светот. Од 26 октомври, во главниот град на БиХ само еден ден добил оцена „умерено загаден“. Здравствените експерти предупредуваат дека континуираното изложување на загадениот воздух, особено кај младите, создава состојба на хронично заболување, а при нивното растење доведува и до тешки хронични опструктивни белодробни болести. Таа директно се рефлектира и на промените на кардиоваскуларниот систем, на панкреасот, мускулите и на зглобовите.
– Сето тоа е последица на штетниот воздух. Секоја година имаме сѐ поголем број заболени деца – вели Махир Токиќ, лекар за белодробни заболувања, пренесува „Ал џезира“.
На што се должи лошиот рејтинг на Сараево, кој е релативно мал град, со околу 270 илјади жители? Експертите детектираат три клучни проблеми што доведуваат до прекумерно загадување на воздухот: индивидуалното греење на домовите, сообраќајот и високите згради, кои го сменија природното струење на воздухот низ градот.
Зијада Крвавац, помошник-министерка за заштита на околината во Кантонот Сараево, во разговор за агенцијата „Анадолија“ го потврди влијанието на високите згради на квалитетот на воздухот.

– Направивме студија за влијанието на високите згради, која ги детектира коридорите што мора да се зачуваат за да се смета на некоја одржлива иднина или развој. Високите згради го спречуваат проветрувањето на воздухот. Сега воведуваме одредено ограничување поврзано со градењето на овие објекти – вели Крвавац.
Мухамед Хаџиабдиќ со група експерти лани ја претстави компјутерската симулација со која се покажа дека некои новоизградени високи згради го спречуваат струењето на воздухот и затоа смогот се задржува на сараевските улици.
– Ако се нарушени воздушните коридори, тогаш снабдувањето на градот со свеж воздух и прочистувањето на нечистата атмосфера ќе трае подолго – вели Хаџиабдиќ за „Ал џезира“.
Директорот на Заводот за планирање на развојот на Кантонот Сараево, Хамдија Ефендиќ, посочува и на проблемот што ќе се појави со ограничувањето на градењето во главниот град на БиХ и на висината на националниот БДП.
Во изминатиот период во Сараево беа изградени неколку објекти со високи габарити, а еден од нив е кулата „Сараево тауер“, висока 26 ката. Се планира и изградба на конгресен центар, во кој една од кулите ќе биде висока 39 ката, што ќе биде највисока кула изградена во БиХ. Намерите на кантоналните власти во Сараево посакуваат тој да биде модерен европски град, но еколошките активисти сметаат дека тоа е непотребно кога луѓето во тој град може да бидат болни.

Мерјема Затриќ, архитектка и историчарка на модерниот урбанизам, вели дека мора да се трага по компромисно решение, а тоа значи во новиот урбанистички план на градот Сараево треба да се направи поширока визија на градот, со почитување на економските и еколошките параметри.
– Ако ги имаме причините за загадувањето и натаму се влошува состојбата со високата градба и се релативизира студијата што предупредува на влошување на квалитетот на воздухот, тогаш тоа е криминален акт – констатира Затриќ.
Владата на Кантонот Сараево најавува изработка на стратегија за ограничување на користењето јаглен и други цврсти горива во Сараево за перидот од 2021 до 2031 година, која треба да го намали загадувањето на воздухот. Но тоа е само делумно решение и не постои јасна стратегија за спречување на големите градежни проекти.