Дебатата „Владеење на правото, миграции, безбедност/хибридни закани“

За да се задржат реформските агенди на земјите од Западен Балкан, клучно е Европската Унија да ги исполни обврските кон регионот, порачаа учесниците на дебатата „Владеење на правото, миграции, безбедност/хибридни закани“ што во рамките на министерскиот состанок на Берлинскиот процес се одржа вчера во Скопје.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, посочи дека пред априлските избори, во март, очекува клучна порака за потврда на досегашните залагања, особено што сега, според него, има две клучни состојки за успех.
– Прво, имаме нова методологија и подобрен пристапен процес. Второ, имаме два позитивни извештаја. Со тоа сметам дека имаме можност за напредок – објасни Димитров.

Ако сето тоа не успее, тогаш, според Димитров, тоа ќе биде навистина лоша порака.
Сепак, директорката за Југоисточна Европа, Турција и за ЕФТА при германското МНР Сузана Шутц, изрази очекување дека во март ќе има позитивна одлука за почеток на преговорите и дека новата методологија ги отстрани сомнежите на некои земји-членки за подготвеноста на Македонија и на Албанија.

– Не сакам да гледам на реформите за владеење на правото како на нешто што се прави за добивање препорака и за задоволување на стандардите на некои членки на ЕУ, бидејќи тоа е нешто што е од интерес на сите граѓани. Тоа не е морковот, туку нешто што државата го прави сама за себе и за граѓаните – објасни Шутц.
Таа посочи и дека луѓето од Западен Балкан не заминуваат во Германија само поради економски причини туку и поради корупцијата и несигурноста во институциите на нивните земји.

На тоа дојде одговор на Гент Цакај, министер за Европа и надворешни работи на Албанија, кој рече дека Тирана донела многу законски реформи за борба против корупцијата и организираниот криминал, нагласувајќи дека тие реформи не ги прават за ЕУ туку за самите граѓани.
– Кога ќе бидете во ист однос како нас со ЕУ ќе видите дека е клучно процесот да е заснован врз заслуга. Затоа кога зборувам за исполнетите реформи верувам дека отворањето преговори е клучна порака од ЕУ за регионот и за продолжување со реформите во Албанија – истакна Цакај.

Венди Мортон, заменик-секретар во британското министерство за европско добрососедство и Америка, рече дека и покрај брегзит, Велика Британија останува целосно посветена на владеењето на правото во регионот на Западен Балкан и ќе продолжи со поддршка на интеграцискиот процес на земјите во ЕУ.


Првпат организиран прилив на мигранти

Во однос на актуелниот проблем со мигрантите на грчко-турската граница, Темистоклис Демирис, генерален секретар при грчкото МНР, порача дека ова не е прва миграциска криза со која Европа се соочува, но дека има нешто по што таа се разликува од досегашните искуства.

– Главна разлика е дека сега имаме масовен прилив со организиран карактер. Имаме ставови и изјави од Турција. Автобуси и притисок од армијата. Тоа е нешто ново. Сега имаме и поинакви луѓе што доаѓаат. Многу мал дел се од Сирија, а многу доаѓаат од други региони – рече Демирис.
Тој посочи дека сега има добра соработка и поддршка од регионот, особено во хуманитарниот аспект на кризата.