Американскиот амбасадор во Словенија Брент Хартли, во разговор за љубљанскиот неделник Репортер, изрази зачуденост од благите реакции на Словенија на нападот со нервен гас во Велика Британија и порача дека Љубљана морала да донесе долгорочна проценка што е нејзин интерес – вредностите на Западот или руски модел на општество.

Во разговор за неделникот близок до конзервативната опозиција, Хартли изрази зачуденост од одлуката на Словенија да не се приклучи на повеќето членки на Европската унија(ЕУ) и сојузниците во НАТО кои по нападот врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Салисбери, одлучија да протераат дел од руските дипломати, солидаризирајќи се со Велика Британија.

Лондон смета дека зад нападот веројатно стои Русија.

Хартли оцени дека Словенија требало да се приклучи на иницијативата на повеќето европски држави, членки на НАТО и некои партнерски држави, но и дека Љубљана има време да го поправи тоа.

„Русите покажаа дека се подготвени на дејство што ја дестабилизира Европа или другите региони во светот. Од голема важност е меѓународната заедница да упати јасна порака до Москва дека таквите постапки се целосно неприфатливи“, рече Хартли.

Запрашан за наводно наклонетиот однос на Словенците кон Русите, рече дека е свесен за тоа и дека го шокира „проруската ориентација на поголемиот број Словенци“, пренесе словенечката новинска агенција СТА.