САД повикуваат на смиреност по вчерашните настани на Косово.

– Ќе продолжиме да работиме со партнерите од ЕУ и НАТО за да им помогнеме на сите страни да одржат напредок во нормализирање на односите и намалување на тензиите – изјави портпаролот на Стејт департментот.

Претходно, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеф Борел изјави дека едностраните дејствија што ја загрозуваат безбедноста се неприфатливи. Тој напиша на Твитер дека насилните инциденти на северот на Косово мора веднаш да прекинат и посочи дека еднострани и некоординирани дејствија што ја загрозуваат стабилноста се неприфатливи.

– Сите отворени прашања треба да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ. Ние сме во контакт со Белград и Приштина – напиша тој.

Селаните од српска националност ги блокираа патиштата и се судрија со полицијата во северно Косово, додека полициските единици вршеа акција со цел да се спречи прекуграничниот шверц. Во насилствата, како што пренесуваат медиумите, повредени се десетици луѓе, вклучително и полицајци.


Вучиќ: Ќе го одбраниме нашиот народ, нема повлекување

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави фотографија на својот Инстаграм профил на која напиша „Ќе ги браниме нашите луѓе на Косово и Метохија“.

– Ми се чини дека секој човек се бори со денови, недели, месеци, понекогаш и години, додека не се распадне, додека не донесе одлука, а тешките одлуки не се носат лесно од одговорни и сериозни луѓе – напиша Вучиќ.

Тој додава дека кога ќе се донесе одлука, се чувствува „необичен мир“.

– Меѓутоа, кога донесувате одлука, чувствувате необичен мир и спокојство, бидејќи знаете дека сте го направиле не најдоброто, туку единственото можно. Нашата одлука е јасна и цврста како камен, ние ќе го заштитиме и браниме својот народ на Косово и Метохија. Нема повлекување! Предавањето не е опција! Да живее Србија – напиша Вучиќ.

Тој исто така, рече дека за време на вчерашните разговори со Србите на Косово, на специјалниот претставник на Европската унија за преговорите помеѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, му нагласил „да ја зауздаат Приштина и ако тие не се во можност – ние ќе ги зауздаме“.