Жељко Комшиќ

Босна и Херцеговина

Претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ го повика рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да ги испочитува своите претходни ставови за евентуалниот влез на БиХ во НАТО.
Комшиќ истакна дека „никој не се обидува да ја вовлече БиХ во НАТО, туку дека од претходно има одлука на Претседателството на Босна и Херцеговина, за чие почитување се залагаше и самиот Лавров“.

– Пораката на министерот Лавров до Претседателството на БиХ во тоа време беше дека Русија, во принцип, е против проширувањето на НАТО, но дека доколку НАТО е наш избор, Русија ќе ја почитува таквата одлука на институциите на нашата земја – изјави Комшиќ за порталот Вијести.ба.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров завчера изјави дека Вашингтон и одреден број западноевропски земји водат политика за вовлекување на Босна и Херцеговина во НАТО, со што ја прекршуваат релевантната резолуција на Советот за безбедност на ОН.

Високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, изјави дека поминале времиња кога меѓународната заедница пропишуваше решенија во БиХ и била предводник во нивното спроведување, и оти домашните политичари мора што побрзо да почнат да прават напори за да се тргне напред.

– Политичарите мора да се помират со тоа. Силата што го движи возот наречен БиХ и го води напред мора да биде made in (направена во) БиХ – рече Инцко.
Тој порача дека е неопходно што побрзо да се формираат органи на власта на сите нивоа, имајќи ги предвид меѓународните обврски на БиХ, оценувајќи дека тоа е основен предуслов за реформите потребни на патот кон интеграција во ЕУ.
Инцко истакна дека БиХ статистички е меѓу најсиромашните земји во Европа и оти се потребни реформи за да се подобрат условите за живот.