КОСОВО

Водечките косовски лидери, кои произлегоа од ОВК, мораат да заминат и тоа е единствената причина поради која се отвора нов процес пред Судот во Хаг, вели Борис Александров Шмељов, еден од најпознатите руски експерти за Балканот. Овој московски професор, и раководител на Секторот за надворешна политика на Институтот за економски и меѓународни односи на Руската академија на науките, во разговор за „Новости“ вели дека намерата на Западот е да се ослободат од оваа политичка структура на Косово и на нивно место да дојдат политичари што немаат „крв на рацете“.

Меѓутоа, ова нема да значи дека положбата на Србите на Косово ќе биде подобрена, додава рускиот аналитичар.
– Во Вашингтон и во западноевропските престолнини се свесни за тоа кои луѓе се сега на власт во Косово. Сепак, не сум убеден дека злосторствата на некогашната ОВК ќе бидат реално казнети. Да сакаа вистински да ги соочат со правдата, западните политичари досега можеа да го решат овој проблем, затоа што има многу докази за злосторствата врз Србите, кои се направени од албанските сепаратисти. Се поставува прашање зошто на Американците, кои се главните организатори на хашките процеси, не им пречеше тоа што се ликвидирани сведоците што требаше да ги потврдат злосторствата за кои сега се сомничат косовските политичари – вели Борис Александров Шмељов.

Според негово мислење, косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај, почнал да се однесува дрско во разговорите со европските политичари верувајќи дека ја има доволната заштита во Вашингтон. Притоа, Харадинај не сфаќа дека Вашингтон нема да ги расипува односите со западноевропските лидери, забележува Шмељов.
– Секако, во Вашингтон од порано знаеја каква е состојбата на Косово и за тоа дека Србите постојано живеат во страв од напади. Амбасадорот на САД во Приштина е државен чиновник што ги критикуваше косовските власти, а тоа е порака од Вашингтон за да не заборават дека мораат да го прават тоа што ќе им биде порачано од САД – вели рускиот аналитичар.

На прашањето зошто западните емисари, а особено оние од САД, последните години постојано говорат за руската опасност на Балканот, Борис Александров Шмељов вели дека тоа се прави за да се прикрие континуираниот западен притисок на сите балкански земји.

– За жал, Русија не е доволно моќна да игра значајна улога на Балканот. Американците на малите народи им ветуваат многу работи и ги плашат со Русија, за да ги привлечат на своја страна. Но ветувањата на Америка ретко се остваруваат – вели Борис Александров Шмељов.


Парламентот се распушта на 22 август

Претседателството на косовското собрание го одреди 22 август како датум за распуштање на Собранието на Косово, така што ќе се оди на вонредни избори, објави „Газета експрес“.

По состанокот на Претседателството, зборуваше лидерот на парламентарната група на Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти.
– Се согласивме сите заедно дека земјата треба да оди на добро подготвени избори, сите институции да ги преземат должностите. Сите се согласивме за тоа на 22 август во 10 часот Собранието да се распушти, а потоа да се следат сите процедури според Уставот за да оди земјата на избори и исто така се согласивме пред распуштање да го усвоиме меѓународниот договор ИПА – рече тој.

Претседателот на косовскиот парламент Кадри Весели вчера свика средба на претседателството и лидерите на парламентарните партии на разговори за вонредна седница на законодавниот дом на која ќе се распушти Собранието и ќе се закаже датум на избори, објави приштинскиот весник „Зери“.
Опозицијата не ја исклучива можноста владејачката коалиција, поддржана од претседателот на Косово Хашим Тачи, да се обиде што е можно повеќе да го одолжи закажувањето избори.

Истовремено, „Епока е ре“, повикувајќи се на свои извори, објави дека парламентарна седница ќе се одржи во текот на неделата, со оглед на тоа дека сите партии изразиле согласност.