Двете руски банки ќе имаат поединечни најголеми удели во новиот „Агрокор“ што се проценува дека ќе изнесува од 30 до 46 отсто

По една година од избивањето на финансиската афера со „Агрокор“ доверителите постигнаа согласност за уделите во новата компанија. Руската банка Сбербанк и ВТБ би требало да имаат најголем удел, кој се проценува од 30 до 46 отсто. Сопствениците на обврзници издадени од „Агрокор“ би имале од 23 до 25 отсто, американскиот фонд од 10 до 12 отсто, хрватските домашни банки околу 10 отсто, а доставувачите околу осум отсто. Во коментар за националната телевизија ХРТ, Лука Бркиќ, професор на Факултетот за политички науки, вели дека нема потреба за славење во врска со новиот договор на доверителите. – Ова е нацрт-спогодба. Таа сѐ уште не е потпишана. Дали ќе биде вака останува да се види во наредниот период..

Откако ќе се потпише таа може да биде проблематична во некои сегменти – изјави Бркиќ. За него е прифатливо што хрватската влада застанала зад посебниот закон за „Агрокор“. Во овој момент од некои од мерките би можеле да бидат задоволни финансиските доверители и доставувачите. Оние што остануваат незадоволни се акционерите, кои го извлекуваат подебелиот крај. Посебно што во овие акционери се и пензиските фондови. – Целата приказна околу „Агрокор“ не е важна само од аспект на компанијата, туку и од аспект на доставувачите. Не е проблем само со менаџментот и станува збор за целата внатрешна структура на компанијата.

Тука се доставувачите, доверителите, банките, регулаторните агенции итн. Линијата на одговорноста е малку подолга од самата креација, која се вика „Агрокор“. „Лекс Агрокор“ нема да ја реши политичката економија на оваа земја – вели Бркиќ. Околу донесувањето на посебниот закон останува дилемата дали е тој во согласност со Уставот на Хрватска, за што забележуваат и дел од хрватските правници. Во случај да биде прогласен законот за неуставен состојбата ќе биде уште позагрижувачка за хрватската економија. На владата на премиерот Андреј Пленковиќ политички ѝ беше важно до 10 април да се испорача како-таков договор, пишува „Пословни“.

По последната владина седница Пленковиќ и потпретседателката Мартина Далиќ дадоа триумфалистички изјави за постигнувањето начелна спогодба. Ова отвора пат за дефинирање на конечниот текст што ќе овозможи „Агрокор“ да се врати во редовно дејствување, нагласи Далиќ. Премиерот објасни дека се потребни уште три месеци за да се дојде до финалниот текст, кој би требало да биде изгласан од Постојаниот доверителски совет. Вонредниот повереник Фабрис Перушко потврди дека поединечно најголемите сопственици на удели во новиот „Агрокор“ би требало да имаат двете руски банки Сбербанк и ВТБ. Сбербанк има побарување од 1,1 милијарда евра, а најголемиот дел од овие побарувања се покриени со гаранции и на тој начин банката си остварила најсилна сопственичка позиција.