Патријархот московски и на цела Русија, Кирил, в сабота ќе допатува во тридневна посета на Албанија.
Поради посетата се преземени засилени безбедносни мерки од страна на Министерството за внатрешни работи и Албанската тајна служба (ШИШ), а за неговата безбедност ќе се грижи и руско обезбедување, кое е секогаш во придружба на патријархот.

– Оваа прва историска посета е од посебна важност, бидејќи и двете цркви преживеаја жестоко комунистичко атеистичко прогонство. Рускиот патријарх е многу значајна личност, која се вбројува на исто ниво со светските лидери и верски поглавари, како што се папата и вселенскиот патријарх – констатираат албанските медиуми.
Посетата е по покана од Албанската автокефална православна црква, чиј поглавар Анастас Јанулатос ја оценува посетата како историска.

Според протоколот што го објави Албанската автокефална православна црква, рускиот патријарх на својата прва посета на Албанија, покрај средбите и верските активности во Берат и во Тирана, ќе има средби и со албанскиот државен врв, претседателот Илир Мета и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Поглаварот на ААПЦ, Анастас, беше во посета на Руската православна црква 1999 година, а двајцата великодостојници ги врзува петдецениско пријателство.