Бугарија одлучи да протера двајца руски дипломати за кои има сомнение дека шпионирале за Москва.

– Бугарското Министерство за надворешни работи прогласи двајца дипломати на руската амбасада во Софија за непожелни и им даде 72 часа да ја напуштат земјата поради активности што не се во согласност со дипломатскиот статус – се вели во соопштението.

Обвинителството во петокот објави дека се приведени шест лица, меѓу кои и неколку претставници на Министерството за одбрана, обвинети за давање доверливи информации на водачот на мрежата, поранешен агент. Неговата сопруга од руско-бугарска националност била медијатор во комуникацијата со Москва, според истиот извор.

Руската амбасада изрази жалење за протерувањето на дипломатите нарекувајќи го неосновано.

– Русија го задржува правото да возврати – предупредуваат од амбасадата.

Бугарија има традиционално добри економски односи со Русија, но од октомври 2019 година неколку шпионски скандали ги ослабеа овие врски. Пет руски дипломати и технички асистент во амбасадата беа протерани од земјата во тој период.