Фото: Официјална интернет-страница на Кремљ

По денешната средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Сочи, рускиот претседател Владимир Путин потврди дека разговорите биле значајни и ефективни.

– Разговорите беа многу значајни и ефикасни. Се разговараше за најитните теми од нашата досегашна соработка – изјави Путин, пренесува ТАСС.

Путин рече дека е убеден дека ќе има сеопфатен заеднички акционен план меѓу Русија и Грција за 2022-2024 година. Тој му се заблагодари на Мицотакис за посетата, која се одржува во годината на одбележувањето на 200-годишнината од Грчката револуција, со која земјата ја започна борбата за независност и доведе до тоа Грција да стане суверена држава. Путин истакна дека Русија отсекогаш го поддржувала национално-ослободителното движење во Грција и дека таа е првата земја што ја признала нејзината независност во 1828 година.

– До денес народите на двете земји ги врзува силно пријателство, длабоки духовни и културни врски – изјави Путин.

Грчкиот премиер посочи дека имал долга искрена и продуктивна дискусија со Путин за билатералните односи и нивната перспектива, истакнувајќи дека средбата ја гледа како „уште еден мост за зајакнување на односите меѓу двата народи и можност за проширување на соработката меѓу двете владите“. Тој ја коментираше и вчерашната видео средба меѓу Путин и Бајден и рече дека разговорите меѓу рускиот и американскиот претседател биле позитивен чекор напред.

– Мислам дека самиот факт што се одржаа разговорите е многу позитивен – рече грчкиот премиер по разговорот со Путин.

Русија и Грција потпишаа пет договори по денешните разговори меѓу Путин и Мицотакис, јави ТАСС. Поточно, двете земји го потпишаа Заедничкиот акционен план на Руската Федерација и Република Грција за периодот 2022-2024 година, објави Кремљ на својата веб-страница.

Денеска беа потпишани уште два документи, договор за техничка соработка во областа на даночната администрација меѓу Федералната даночна служба на Русија и Независната управа за јавни приходи на Грција, како и заедничка акциона програма на Федералната агенција за туризам на Русија и Грчко Министерство за туризам за 2022-2024 година.