Министерството за надворешни работи на Русија ги окарактеризира упадот на косовските специјални сили во српските општини и апсењето на Србите како уште една во низата провокации на Приштина, пренесува Б92.

Министерството ги повика меѓународните покровители на Приштина да ги вразумат косовските радикални сили и да спречат ескалација на конфликтите, бидејќи упадот на косовските безбедносни сили во српските општини води кон ескалација на меѓуетничките тензии. 

Од Министерството додаваат дека провокациите на Албанците против Србите на Косово претставуваат директна последица на повеќегодишната попустливост на САД и на ЕУ. 

– Косовските власти веќе навикнаа сите провокации да им се простуваат – се наведува во изјавата на руското министерство.