Русе е прогласен за најдобар град за живеење во Бугарија за 2018 година. Ова признание е добиено во конкуренција на други градови кои учествуваа на натпреварувањето „Најдобар град за живеење во Бугарија“, кое се организира дванаесет години по ред.

– Ова е европска врата на Бугарија, град на слободен дух – изјави вицепремиерот Томислав Дончев, по прогласувањето на Русе за најдобар град. Тој изрази надеж дека овој натпревар ќе доведе до нова енергија кај градските власти да се борат со вистински средства Бугарија да стане уште подобро место за живеење, а сѐ повеќе и повеќе Бугари да се вратат во својата земја.

Градоначалникот на Русе, Пламен Стоилов, истакна дека Русе отсекогаш бил меѓу градовите што водат во Бугарија и отсекогаш ја дефинирал европската насока.
– За жал, имаше еден период во кој отстапивме од своите позиции како културен и индустриски центар, но со поголем ангажман во изминатите 10 години дојдовме до овие резултати – изјави градоначалникот Стоилов.

Последните години во Русе има исклучителна промена во поглед на инфраструктурата, културата, екологијата и промената на животната средина. Според него, оваа награда е показател дека Русе се движи во вистинската насока. Стоилов прецизира дека една од најважните задачи е да се задржат младите луѓе во градот, а тоа може да се случи само ако има добри услови за работа.

На оваа манифестација, и на други пет града им беа доделени признанија во различни категории како најдобар град за живеење. Наградата позелен град ја доби Добрич, кој има најголеми фондови наменети за реализација на еколошки проекти. За најдобар бизнис-град по петти пат е прогласена Софија. Градоначалничката на главниот град на Бугарија, Јорданка Фандакова, изјави дека е исклучително важно градот да биде привлечен за инвестиции, за да има повеќе можности за развој на младите и талентирани луѓе. За град на образованието е прогласен Бургас. Јамбол беше избран за град на безбедноста на патиштата. Лани во овој град имало 89 сообраќајни незгоди и ниту еден повреден.