Партијата за демократска акција ги предупреди властите на Република Српска за можните последици што би произлегле од најавата за формирање резервен состав на ентитетска полиција и ги повика да го прекинат овој процес.

Сараевскиот портал „Кликс“ го пренесе соопштението на СДА, во кое се посочува дека резервниот полициски состав ќе го наруши досегашниот баланс во бројот на полициските службеници. Ова негативно ќе влијае на општата безбедносна слика во БиХ, особено што тоа се случува кога Милорад Додик повторно исцртува некои нови карти за т.н. велика Србија, на штета на БиХ и Црна Гора.

Од најголемата бошњачка партија наведуваат дека доколку властите на ентитетот на РС инсистираат на воведување резервен состав на полицијата, тоа ќе предизвика одлучен и конкретен одговор од Федерацијата на БиХ и нејзините кантони, во вид на воведување резервен состав и опремување на полицијата во ФБиХ, пишува „Кликс“.

Федерацијата располага со многу поголеми финансиски средства и со други капацитети кога е во прашање набавката на дополнителна опрема и ангажирањето луѓе за полициските сили. Затоа најдобро е да не се тргнува во овој процес.

Предизвикување каква било нестабилност не е во интерес на ниеден народ и на граѓаните во БиХ, но и во регионот, соопштуваат од СДА.

Министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукаќ, претходно изјави дека формирањето на резервниот состав на полицијата ќе биде реализирано во најскоро време.