Романија уплати за купување од САД уште три балистички системи Пaтриот, а првиот се очекува да стане функционален во 2020 година, изјави министерот за одбрана Михај Фифор.

Романската Влада потпиша Договор со американската армија и ги префрли средствата на владините институции на САД за купување уште три системи за противвоздушна и ракетна одбрана.

– Романија го купува најмодерниот, успешен и ефективен тактички балистички систем во светот, изјави Мајк Елисен, менаџер во американската компанија „Рејтеон“.

– Со купувањето на овие три нови системи, кои се додаваат на Договорот од ноември 2017 година, се финализира првата етапа од опремата, така што сите системи ќе се вклучат во романските воздухопловни сили од втората половина на 2019 година, а првиот систем се планира да биде оперативен во средината на 2020 година, напиша министерот Фифор на Фејсбук.

Во 2017 година, Романија потпиша договор со САД за купување седум американски ракетни системи во вредност од 3,9 милијарди долари.