Група родители што сметаат дека пред две децении им биле украдени бебињата во породилиштето во Ниш или во регионот на Пчиња побарале информација од Вишото обвинителство во Врање за да дознаат до каде е решавањето на нивните предмети, кои подолго време се чуваат во судските фиоки. Даниела Трајковиќ, обвинителка на Вишото јавно обвинителство, изјави дека по состанокот било договорено да се изврши идентификација на сите кривични предмети поднесени од родителите што се сомневаат дека им исчезнале бебињата

– Намерата е да се направи некаква ревизија и да се процени дали обвинителството ги извршило сите проверки за да се потврди основаноста на овие тврдења, односно дали се собрани сите можни документи од здравствените установи, матичните служби и центрите за социјални работи. Планот е да се направи проверка дали во здравствените установи постојат „парафински калапи“ и, доколку има, ќе наложиме вештачење, со споредување на ДНК од земените примероци со профилот на родителот – вели Данијела Трајковиќ за „Новости“.

Вистинскиот број на предмети што ќе се разгледуваат не е познат. Родителите сметаат дека и самиот состанок во обвинителството претставува голем чекор, затоа што по две децении процесот се поместува од мртва точка.

„Новости“ пишуваше дека украдените новороденчиња од породилиштата биле продавани надвор од Србија за суми што достигнувале до 25.000 евра. Најскапо се плаќало за децата со светол тен и со сини очи, се наведува во сведоштвата на еден истражен судија од Ниш. Тој во текот на работниот век, од 40 години, работел на случаи за исчезнати бебиња од породилиштата на југот на Србија.