Границата на геополитичките влијанија меѓу Истокот и Западот повторно се исцртува на балканскиот регион. Вкрстувањето на ракавиците на главните ривали на светската политичка сцена, според политичките и воените аналитичари, претставува продолжување на веќе подзаборавената студена војна меѓу Вашингтон и Москва. Нивниот фокус е насочен кон тоа што се случува на релацијата меѓу Србија и Косово, но од новата пресметка на големите играчи не се исклучени ни другите балкански држави, меѓу кои и Македонија, што се изложени на нови хибридни начини на војување

Минатогодишната мини-трка во вооружувањето меѓу Србија и Хрватска, кои беа потпомогнати со финансиската и техничката помош од Москва и Вашингтон, се само еден од облиците на светските сили за исцртување на новата линија на влијание на Балканот. Модернизацијата на српската и хрватската војска, за воените аналитичари, може да се опише како своевидна студена војна меѓу Америка и Русија. Србија се наоѓа на линијата на огнот меѓу глобалните сили, а во поширокиот безбедносен аспект, директно и индиректно на ризиците од современи начини на војување, се наоѓаат и другите земји од Балканот, меѓу кои е и Македонија.
Оцената што ја изнесе во 2015 година поранешниот американски државен секретар Џон Кери, дека Балканот, а особено Србија, која е опкружена со земји-членки на НАТО, е изложен на нова студена војна, сѐ уште има важност.

Уредникот на „Политика“, Бојан Билбија, во разговор за „Спутник“, вели дека ова се должи на политиката на актуелната српска власт да продолжи со соработката со Русија на секое поле. Во изминатата година воено-техничката соработка меѓу Белград и Москва доби на интензитет, што на западните земји им претставува „прст во око“.
– Србија нема да ја напушти политиката на воена неутралност, барем не во наредните десет години. За тој период, најверојатно во Европа и во светот ќе се случат позитивни промени, надворешниот притисок ќе се намали, а земјата ќе може да се сврти кој развојот на патот на свилата, на нафтата и гасот. Се надевам дека ќе дојде до некоја евроазиска заедница од најнов вид, пред сѐ заедница на гас и на нафта, а на тие основи ќе се создаде многу поголема интеграција. Тоа е нешто за што говореше и францускиот претседател Емануел Макрон за Европа од Лисабон до Владивосток – појаснува Билбија.

Политикологот Александар Павиќ пречката за таков развој на настаните ја гледа и во „месијанскиот комплекс“ на Западот за овој дел од Европа, но, како што забележува тој, во однесувањето на САД има и промена на реториката кон Србија и Балканот, а конкретно на релациите со косовските државни власти. Завчерашната изјава на Ричард Гренел, американскиот претставник за Србија, со која упати јасна порака до косовскиот премиер Албин Курти за „безусловно“ укинување на царините за српските производи, е јасен индикатор за намерите на САД за воспоставување ред на овие простори, притоа заштитувајќи ги своите геополитички интереси на Балканот.

– Пораката на Гренел испратена од Белград за можно повлекување на Американците доколку Белград и Приштина не можат да се договорат е сосема поинаков јазик, а ако внимателно го читаме, тоа повеќе е предупредување до Приштина – додава Павиќ.
Надмудрувањето меѓу Москва и Вашингтон на балканските простори последните години добива нови хибридни форми на „војување“, што се манифестира со сајбер-напади и ширење – лажни вести, од двете страни еднакво. Како најизложена земја во овој момент е Црна Гора, која поминува низ внатрешнополитички верски превирања, зад кои во основа стојат обидите за забавување на евроатлантската интеграција, по нејзиното зачленување во НАТО, за што отворено се спротивставуваше Москва. Министерот за одбрана на ЦГ, Предраг Бошковиќ, отворено посочи на одредени медиуми што шират дезинформации на Западен Балкан, а наративот од тоа, според него, треба да биде создавање атмосфера „дека Русија е заштитник на доброто, наспроти западните сили, кои се претставници на злото“, пренесува Радио Слободна Европа.

– Намерата на центрите од каде што тргнува хибридната војна против Црна Гора и другите земји во регионот се да се поткопаат вредностите на западната демократија во овој регион. Русија се обидува да ја збуни јавноста за тоа што се случува. На овој начин се обидува да го забави напредокот на земјата што води кон ЕУ и евроатлантските интеграции – вели амбасадорката на САД во Црна Гора, Џуди Рајзлинг Рајнке, која учествуваше во панел-дискусијата за опасноста од ширење на дезинформациите, која се одржа во лани во октомври во Подгорица.

За да им се помогне во одбраната од хибридни напади, НАТО одобри техничка и кадровска помош за црногорските безбедносни служби, што од страна на Белград беше протолкувано како обид на западните сили да „дејствуваат“ во креирање на политичката атмосфера во Србија. Оттаму предупредија дека против Србија се води засилена разузнавачка активност од соседните земји, а отворено беше посочена и Бугарија.

Линијата на „разграничување“ во студената војна меѓу Истокот и Западот се протега на оската Сараево – Скопје. Власта во српскиот ентитет Република Српска отворено се противеше на прифаќањето на акцискиот план на Босна и Херцеговина за соработка со НАТО, но по неколкумесечно силно надворешно влијание и притисок, дојде до компромисното решение со прифаќањето на Вашингтон од текстот на овој документ да биде исфрлена формулацијата „патот во НАТО“.

Воениот аналитичар Благоја Марковски се согласува со тврдењето дека Србија е најизложена на линијата на глобалното разграничување на интересите на Балканот, а ова, секако, важи и за Македонија, иако таа е на прагот на целосно зачленување во НАТО.

– Интересите на големите сили остануваат на просторот на Западен Балкан. Земјите од Југоисточна Европа ќе продолжат да бидат предмет на безбедносно набљудување, без разлика што тие се членки на НАТО. Нема мирно лето за секоја земја и таа не ќе може самата да се заштити во безбедносна смисла, што ја наметнува потребата од размена на информации и изградба на сопствен безбедносен систем. Современите „војни“ не се водат на класичен начин и секоја земја е изложена на софистицирани форми на надворешно дејствување. Безбедноста на земјата е процес што постојано треба да се доразвива како систем. Членувањето во колективните системи на одбрана не е доволно, но тоа е најевтиниот начин за секоја земја од регионот, дополнет со промовирање политика на добрососедски односи, како основа на поширока регионална безбедност – заклучува Марковски.