Приморскиот град на Истра е прогласен за европски град на културата, за што доби вкупно 40 милиони евра поддршка од Европската Унија

Риека во Хрватска и Галвеј во Ирска се европските престолнини на културата за годинава. Хрватскиот град никогаш не бил главна туристичка цел, отсекогаш претставувал попатна станица од Опатија или од Истра и надолу кон Далмација. Овој град со важно поморско пристаниште е врска меѓу Централна и Југоисточна Европа и е мешавина од средновековни тврдини, раскошни палати од времето на Австро-Унгарија, плоштади слични на италијанските, социјалистички градби и напуштени фабрики.
До Првата светска војна, Риека ѝ припаѓала на Хабсбуршката монархија, од 1924 до 1945, а поголем дел од градот ѝ припаѓал на Италија. Следува периодот на поранешна Југославија, во кој Риека се изгради во примерен урбан центар со бродоградилишта, рафинерии и фабрики. Бројот на жителите се искачил од 25.000 на 200 илјади, но по пропаста на југословенската заедница многу претпријатија ги затвориле своите порти, а нивните погони се претворија во апокалиптични сцени. Денес во Риека живеат околу 130.000 луѓе, се наведува во репортажата објавена на „Дојче веле“.

Приморскиот град на Истра доби вкупно 40 милиони евра поддршка од Европската Унија за годинава. За разлика од другите престолнини на културата, градот на Кварнер нема намера да градат нови згради. Риека сака да го зачува старото и од тоа да направи нешто ново.

– Напуштените фабрики се дел од идентитетот на градот, тие имаат свои приказни. Затоа одлучивме да не ги уриваме, туку да ги преобликуваме – објаснува Ирена Крегар Шегота, портпаролка на проектот „Риека 2020“.

Во поранешната фабрика „Рикард Бенчиќ“, со површина од 27.000 квадратни метри, се сместени четири нови културни институции. И поранешниот брод „Галеб“, кој е познат како јахтата на Тито, ќе се пренамени во музеј.

– Некои жители на Риека го идентификуваат овој брод со Тито и Југославија и се сомничави кон тоа како ќе го прикажеме ова поглавје во нашата историја. Нашата цел е да се обидеме да ја покажеме целата историја на овој брод, која почнала порано пред Тито и која е интересна. Се надеваме бродот ќе стане занимлива туристичка атракција и ќе донесе дополнителен приход за градот – вели Крегар Шегота.
Културната сцена на Риека ги привлекува многутемина слободни уметници и љубители на слободата. Овој град отсекогаш важеше како прогресивен град, а познат е и како местото на раѓањето на хрватскиот панк.

„Пристаниште на различноста“ е паролата со која Риека го презеде претседавањето со европската култура. Овој град е како отворена порта низ која доаѓаат многу националности, култури и вери. Во конзервативната Хрватска тој е градот што е потолерантен, поотворен и послободен.

Овде се одржува и ЛБГТ-фестивалот, кој поминува без инциденти, што не би било случај во другите градови во Хрватска, каде што доминира десницата.
– Риека е толерантен град во кој не само што се прифаќа различноста, туку така и се живее. Затоа и ја прифативме пораката „Пристаниште на различности“ и таа порака ја поставуваме и како прашање за Европа: во која мера Европа е подготвена да ги прифати различностите – вели Ирена Крегар Шегота.