За нивната пожртвуваност и за спасените животи во катастрофалните пожари во јули минатата година, тројца рибари, двајца од Египет и еден од Албанија, денескa добија грчко државјанство.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, државјанствата свечено им беа врачени од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, а на манифестацијата во претседателската палата во Атина присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Алексис Харицис.

И двајцата оценија дека тоа е одлука и ден со голема симболика, што испраќа порака на солидарност до цела Европа.

Грчкиот претседател рече дека она што го сториле рибарите покажува дека солидарноста и хуманоста не се поврзани со тоа од каде некој потекнува, а доделувањето државјанство е и порака до Европа.

-Преку вашиот пример праќаме порака до Европа во овие тешки моменти, во пресрет на критичните европски избори на кои ќе се одлучува за иднината на европската структура. Бидејќи сите оние популистички формации, што се обидуваат да ја уништат оваа структура, се оние кои што се наоѓаат наспроти менталитетот кој ѝ е толку потребен на Европа, а тоа е вашиот менталитет – рече Павлопулос кој додаде дека примерот со рибарите испраќа порака до одредени европски партнери на Грција кои ги забораваат вредностите на Европа, „бидејќи Европа се потпира на солидарноста“.

Во иста насока беше и пораката на министерот за внатрешни работи на Грција.

-Мислам дека денешниот ден носи и многу голема симболика, бидејќи во лицето на овие тројца луѓе, наши сограѓани, рибари, можеме да ги видиме вредностите на хуманизмот, да ги видиме вредностите на солидарноста на социјалниот придонес во период кога, за жал, во нашата земја и во Европа гледаме дека се креваат расистички гласови, гласови на нетолеранција, на ксенофобија – истакна Харицис.

Педесет годишниот Ел Хауму Емад и 46-годишниот Ибрахим Муса Махмоу од Египет, како и 35-годишниот Џека Гани од Албанија, од денеска и официјално се грчки државјани.

Во септември минатата година, грчкиот премиер Алексис Ципрас се сретна со тројцата рибари кои над 20 години живеат во Грција и покрена иницијатива тие да добијат грчко државјанство.

Во пожарите на 23 јули минатата година во областа Атика, во кои животот го загубија 100 лица, голем дел од граѓаните засолниште од огнените јазици најдоа на малите плажи, а беа спасени по морски пат од локалните рибари, од грчката крајбрежна служба и со чамци од грчката војска.