Најголем проблем за хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ е како да ја контролира и реформира матичната партија ХДЗ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој се соочува со падот на рејтингот и со внатрешните поделби во партијата ХДЗ, направи реконструкција во министерскиот кабинет. Новите потпретседатели на Владата на РХ се министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ и министерот за финансии Здравко Мариќ, кој ќе ги координира и работите во Министерството за економија. На местото министер за надворешни работи доаѓа искусниот дипломат и актуелен амбасадор на РХ во Германија, Гордан Грлиќ Радман. Нова министерка за земјоделство е Марија Вучковиќ, а досегашната министерка за демократија и социјална политика Нада Мурганиќ, ќе ја наследи Весна Бедековиќ. Кадровски смени има и на министерските места за регионален развој и во Министерството за државен имот. Пред пет дена, од министер за управа беше сменет Ловро Кушчевиќ, кој беше споменуван во повеќе случаи за стекнување личен имот. На негово место е именуван Иван Маленица.

Премиерот Пленковиќ од новите министри очекува максимален ангажман и исполнување на целите од владината програма.
– Пред нас е многу работа. Со реконструкцијата сакаме да ги оствариме оние цели кои се важни за хрватското општество и за граѓаните – изјави Пленковиќ.
Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски, во изјава за РТЛ рече дека оваа реконструкција е доказ дека може да се сменат и лошите министри, што претставува некоја надеж.
– За Пленковиќ не се проблем ни коалицијата, ни опозицијата. Нему проблем му е ХДЗ, кое не може да го контролира. Тој има релативно мнозинство во партијата. Прашањето е дали некој од неговите противкандидати ќе застане на чело на партијата. Тоа зависи од повеќе фактори – вели Пуховски.

Крешимир Мацан, поранешен советник на премиерот, ја нагласи улогата на медиумите во Хрватска кои предизвикаа смена на некои министри.
Медиумите во Хрватска пишуваат дека новите министри немаат некоја политичка тежина. По објавувањето на новиот министерски состав, граѓаните во Хрватска мораа да ги пребаруваат имињата на социјалните мрежи за да дознаат за нивните досегашни кариери.

– Пленковиќ се обидува преку реконструкција на Владата да продолжи со трансформација на ХДЗ, како што тој замислил. Но не е сѐ готово. Наесен ќе биде гужва во партијата – изјави еден од министрите кој ја преживеа реконструкцијата.
Опозициската партија СДП, која бележи постојан пораст на довербата кај граѓаните, смета дека оваа реконструкција е непотребна и задоцнета. Смените на министрите се во функција на подготовките на ХДЗ за парламентарни избори, велат од оваа партија.