Не е ново тоа на завршните декларации од балканските самити да се зборува за „европската перспектива“ на земјите од регионот. Истата формулација се пренесува во секој завршен документ од ваков формат на политички средби, проследена со ветувањата за финансиска помош од Европската Унија. Но останува дилемата колку од овие балкански самити се и реална основа за поголемо економско интегрирање?

Уште еден мултилатерален состанок на лидерите од Западен Балкан се одржува во краток временски период. Новата нивна средба, трета во низа во последниот месец, се одржа вчера во Тирана, на која учествуваа домаќинот Еди Рама, премиерот на Албанија, како и премиерите на Македонија, Зоран Заев, на Косово, Албин Курти, на Србија, Ана Брнабиќ, на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Сите тие, и со европската поддршка на еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеи, разговараа за „постигнатото досега во Берлинскиот процес за заздравување на регионот и подготовките за спроведување на економскиот и планот за инвестиции во Западен Балкан“. Лидерите на Западен Балкан, исто така, разговараа и за клучните теми за јулскиот состанок на лидерите на ЕУ и регионалните држави во рамките на Берлинскиот процес. Повторно од високите претставници на Западен Балкан беа искажани заеднички заложби за зајакнување на економската соработка во регионот, во согласност со вредностите и нормите на ЕУ и да создадат заеднички регионален пазар, со мерки за заштита на животната средина и проекти за зелена економија и енергетика, пренесоа медиумите од регионот.
Пред неколку дена сличен самит се одржа и под покровителство на Словенија, наредниот претседавач со Европската Унија, а во рамките на иницијативата Брдо-Бриони. И од овој самит беа испратени истите пораки за „поблиска регионална соработка“, но видливи беа разликите во ставовите на поединечните лидери, поврзани со клучните прашања, кои се однесуваат на процесот на проширување на Европската Унија и за неменливоста на границите во регионот. Домаќинот на самитот, словенечкиот претседател Борут Пахор, призна дека ова „било една од најтешките средби затоа што не било лесно да се постигне компромис за заедничките заклучоци по самитот“. Осумте претседатели од Западен Балкан по еднодневниот самит на процесот Брдо-Бриони во Словенија ја повикаа ЕУ да го забрза процесот на пристапување, повикувајќи на итно отворање преговори за членство со Албанија и со Македонија.

Еден ден по самиот во Словенија, лидерите на Западен Балкан имаа можност да се дружат на заедничка свечена вечера, која ја организираше шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел. Медиумите тогаш информираа за тоа дека гостите на вечерата во Брисел имале можност да разговараат во опуштена атмосфера „за фрустрациите на Балканот, што се јавија поради непроменливиот однос на ЕУ кон процесот на проширување“, како што претходно изјави Борел.
Не е ново тоа на завршните декларации од балканските самити да се зборува за „европската перспектива“ на земјите од регионот. Истата формулација се пренесува во секој завршен документ од ваков формат на политички средби. И во загрепската декларација од минатата година се искажува поддршката на регионот од страна на Европската Унија, посебно во формирањето заеднички регионален пазар, како претходница на целосното економско интегрирање на земјите од Западен Балкан, но без јасен став околу проширувањето на ЕУ.
За економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан што ќе го поддржува долгорочното економско закрепнување на регионот, истовремено поттикнувајќи регионална интеграција, се зборуваше и на вчерашната средба во Тирана. Имплементацијата на планот ќе ја стимулира економската активност, ќе ги зголеми инвестициите и на јавниот и на приватниот сектор, ќе ги зајакне конкурентноста и иновациите, особено на малите и на средните компании, истакна премиерот Зоран Заев, во своето обраќање на Самитот на земјите од Западен Балкан во Тирана.
– Нашата волја е поттикнување на развојот на капацитетите со обновлива енергија и премин од јаглен кон обновливи енергенси, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на инфраструктурата за управување со отпадни води. За време на овие предизвикувачки периоди, сите земји од регионот работат заедно во воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар – посочи Заев.

Тој додаде дека тоа е успешен модел за мотивација на регионот да започне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ.
Засега, поголемото економско интегрирање на регионот е повеќе израз на желби отколку на реални иницијативи од земјите од овие простори. Регионалната соработка се сведува на можноста за патување со лични карти, олеснување на трговијата со прехранбени производи и индустриски добра преку договори за заемно признавање, зголемување на можностите за професионалци за работа и студенти за студирање низ целиот регион, пониски трошоци за регионални плаќања, развој на регионален дигитален пазар и гранични премини со заеднички контроли и проширување на иницијативата за зелени ленти за намалување на времето на чекање на границите.
Темата за Западен Балкан ќе биде присутна и на средбата на американскиот претседател Џо Бајден со лидерите на ЕУ следната недела во Брисел, дознава РТС од европски дипломатски извори.
„Соединетите Американски Држави и ЕУ ќе го засилат заедничкиот ангажман на Западен Балкан, вклучувајќи го и дијалогот за нормализирање на односите Белград – Приштина и поддршка на клучните реформи во европската интеграција“, се вели во нацрт-заедничката декларација, која може да се промени до времето на состанокот на претседателот Џо Бајден со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на 15 јуни во Брисел.