Европската унија нема заеднички став кога станува збор за пристапувањето на земјите од Западен Балкан во блокот, изјави полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау.

Во неговата изјава за полски медиуми, тој ја нарече пристапната политика на ЕУ „анемична“ и додаде дека неодлучноста на Брисел во врска со тоа го става под сомнеж концептот на стратешка автономија.

– ЕУ не е во позиција да изрази јасен став за пристапот на земјите од Западен Балкан. Тоа ја доведува во прашање ефикасноста на нејзината таканаречена доктрина за стратешка автономија – рече Рау.

Шефот на полската дипломатија истакна дека концептот на стратешка автономија, што ЕУ го поставува како независен и суверен политички субјект на меѓународната сцена, ќе бара опипливи и видливи изгледи за пристапување на Западен Балкан во европскиот блок.

Тој исто така предупреди дека неуспехот на ЕУ да развие единствена политика за пристапување на земјите од Западен Балкан може да ги стави земјите во регионот под влијание на трети земји кои се во ривал со Европската унија, пренесуваат полските агенции.

Збигњев Рау учествуваше на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел во понеделникот, на кој, меѓу другото, беше разговарано и за состојбата на Западен Балкан.