Видлива загриженост на Александар Вучиќ по вчерашната средба со рускиот дипломат Сергеј Лавров

Во пресрет на парламентарните избори во Србија и поизвесната победа на партијата на Александар Вучиќ, расте притисокот од меѓународната заедница за решавање на спорот со Косово

СРБИЈА

Францускиот претседател Емануел Макрон планира да организира средба на претставниците на преговарачките делегации од Белград и од Приштина. Приштинскиот весник „Коха диторе“ дознава дека Макрон планира да ги собере претставниците на Белград и на Приштина на 17 јули. Намерата за одржување нов париски собир е да се покаже дека, покрај САД, и Европската Унија е активна за прашањата поврзани за регионот, преку својот пратеник Мирослав Лајчак, кој престојува во Косово три дена. Веста за српско-косовскиот мини-самит во Париз, не случајно е објавена на денот кога рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е во посета на Белград, на која треба да биде потврдена поддршката од Москва за ставовите што ги застапува Србија во однос на решавањето на спорот со Косово.

Претходно делегациите на Белград и на Приштина треба да се сретнат на 27 јуни во Белата куќа во САД, по покана од Ричард Гренел, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ со загрижувачки тон соопшти дел од разговорите со рускиот шеф на дипломатијата и нагласи дека клучна тема на вчерашната средба била „поддршката на Русија на интегритетот на Србија и состојбата на Косово и Метохија“.
– Добивме одредени оцени од Руската Федерација, што мене како претседател дополнително ме загрижија, а се однесуваат на различните планови и идеи за решавање на косовско-метохиската криза. Не сакам никого да ставам во заблуда или нешто да скријам од јавноста во Србија, но очигледно нѐ чека исклучително тежок период, кога ќе се соочиме со поголеми притисоци за да се остварат некои планови што сме ги добиле или не. Врз основа на одредени оцени на нашите руските пријатели ми се чини дека мораме да бидеме исклучително внимателни во следењето на секоја идеја што ќе ни биде претставена – изјави вчера Вучиќ.

Русија и Србија ќе продолжат да соработуваат за решавањето на косовското прашање, почитувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244, порачаа во заедничкиот авторски текст шефовите на дипломатиите на двете земји, Сергеј Лавров и Ивица Дачиќ, објавен во пресрет на вчерашната средба во Белград, пренесе „Танјуг“.
– Европската Унија како посредник во преговарачкиот процес директно е одговорна за влијанието на косовските власти за исполнување на своите обврски. Засега нема никаков напредок во формирањето на Заедницата на српските општини. Влегувањето на Србија во ЕУ некои го користат како средство за притисок на Белград за признавање на косовската независност – се посочува во текстот на двајцата министри.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека не е во состојба да го предвиди предлогот на САД, но затоа може да го види предлогот на ЕУ.

– Мислам дека нивната идеја е да им кажеме дека не се спротивставуваме на членството на Косово во ОН, но не знаат што да ни понудат. Значи, ние не мораме формално да го признаеме Косово, но да не се противиме Приштина да добие место во ОН. Очекувам од Европа да ни каже дека за неколку години ќе бидеме членови во ЕУ, но тоа не е доволно. На Србија мора да ѝ биде понудено многу повеќе – изјави Вучиќ за „Вечерње новости“.