Фото: Игор Бансколиев

Додека земјите од регионот бележат високи стапки на смртност, но и зголемени бројки на нови инфекции од коронавирусот, ЕУ го укина статусот на Босна и Херцеговина како „безбедна држава“ во врска со патувањата за време на пандемијата.
Како што пренесуваат регионалните медиуми, БиХ е последната земја во регионот што е отстранета од листата на „безбедни земји“, која беше составена од Словенија, како претседавач со Советот на ЕУ.
Ваквиот чекор се должи на зголемените бројки со нови инфекции во земјата. Босна и Херцеговина деновиве има повеќе од 200 заразени на 100.000 жители.
Во текот на септември, поради зголемувањето на бројот на заразени лица, овој статус беше укинат и за другите земји во регионот, што значи дека на граѓаните на тие земји им беше ограничено патувањето во ЕУ.
Но и покрај ограничувањата, членките на ЕУ независно воведуваат правила за влез во нивните земји, така што сѐ уште е можно да се патува во многу земји со потврда за целосна вакцинација.
Освен Босна и Херцеговина, Молдавија, исто така, го загуби статусот на „безбедна земја“ во новата ажурирана листа на ЕУ. Слични се состојбите со зголемување на бројките од заболени од ковид-19 и во преостанатите земји од Балканот.
Инаку, Советот на Европската Унија ја ажурира оваа листа на „безбедни земји“ на секои две недели.