Премиерот на Албанија, Еди Рама, во интервју за грчкиот весник „Та неа“ оценува дека Западен Балкан не е во добра фаза, поради што смета дека ЕУ треба да биде внимателна. Рама изјави и дека работите не отишле дотаму за да се плаши од дестабилизација.

– Политичките фактори внатре и надвор од Западен Балкан, во Европската Унија, мора да бидат претпазливи. Симптомите од ваков вид не треба да се потценуваат – рече премиерот на Албанија.

Рама е песимист за отворањето на преговорите за членство на Албанија со ЕУ кон крајот на оваа година.

– Ова не е првпат да слушам вакви предвидувања од високи претставници на ЕУ и нема да биде првпат тие да не можат да ги одржат ветувањата. Не очекувам ништо – рече Рама.

По повод последната средба во Белград во рамки на иницијативата Отворен Балкан, шефот на албанската влада рече дека не е постигнат толкав напредок колку што сака и дека на следниот состанок во Тирана ќе се постигнат одредени цели во однос на слободната трговија на производите.