Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Косово влегло во опасен циклус со мешање на надворешната и внатрешната политика. Тој посочи дека постои „концептуално несогласување“ со премиерот на привремените институции во Приштина, Албин Курти, околу регионалната политика и иницијативата „Отворен Балкан“, што, како што вели, е стратешки интерес на албанската нација.

Рама за телевизија „Клан“ изјави дека не може да ја прифати идејата оти Косово ја напуштило масата, додека Србија е присутна, пренесува „Газета експрес“.

– Она што го постигна нашата дипломатија со Белград е дека претседателот на Србија го прифати слободното движење на луѓе како дел од она што ние денес го нарекуваме „Отворен Балкан“. Берлинскиот процес е токму тоа, но тој е многу побавен и зависи од европската бирократија. Она што не го разбирам е дека порано имаше борба да се седне на маса. Денес, Србите се на маса, а Косовците бегаат, тоа е незамисливо – рече Рама.

Како што додава, за „Отворен Балкан“ не се преговара, се дискутира.

Говорејќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Рама рече дека е многу тешко, но дека атмосферата што го опкружува не треба да биде „атмосфера на барикади“.