Илјадници симпатизери на албанската опозиција во саботата се обидоа да влезат во зградата во која живее премиерот на Албанија, Еди Рама, а полицијата употреби солзавец за да ги спречи протестантите во нивната намера да влезат во седиштето на албанската влада. Овие протести, како што објавија организаторите, се против корумпираната и неефикасна влада, на кои бараа оставка од Владата и вонредни избори.

Симпатизерите на опозициската Демократска партија на неколку места го пробија полицискиот кордон во обид да влезат во зградата во која живее премиерот на Албанија, Еди Рама, но не влегоа во зградата. Седиштето на Владата беше нападнато со камења, при што беа искршени повеќе стакла.

Полицијата не даде преголем отпор и се држеше настрана, иако користеше солзавец, водени топови и преку разглас ги повикуваше собраните луѓе да си одат.

Претседателот на Албанија, Илир Мета, повика на воздржаност, велејќи дека граѓаните имаат право да протестираат, а институциите треба да се почитуваат. САД, ЕУ и меѓународните институции ја повикаа опозицијата да одржи мирни протести.

Протестите на опозицијата во Тирана ќе продолжат в четврток. Ова го изјави претседателот на најголемата опозициска партија во Албанија, Демократската, Лулзим Баша, кој додаде дека инцидентите што се случија за време на протестот пред Владата биле дело на власта, а не на демонстрантите.

Албанското МВР соопшти дека во инцидентите имало над десет повредени. Нанесени се штети на влезовите на зградата на Владата. Полицијата за време на нападот на зградата на Владата употреби солзавец. Над зградата имаше голем број снајперисти, а објектите на Владата и Парламентот беа обезбедувани од над три илјади полицајци и специјални сили.

На протестот немаше говори на лидерите на опозицијата, кои даваа само изјави за медиумите. Говореа само десетина учесници на протестот, кои како граѓани побараа предвремени избори како излез од, како што беше речено, тешката состојба на земјата. Покрај претседателот на опозицијата, духовен лидер на десницата и бивш претседател и премиер на Албанија, Сали Бериша, протестите ги предводеше и претседателката на Движењето за социјалистичка интеграција, Моника Криемади, инаку сопруга на претседателот Илир Мета.

Додека во Тирана се одржуваа масовни протести на опозицијата, премиерот Еди Рама во Валона, јужна Албанија, одржуваше средба со народот, на која беа и министрите во Владата.

Може да се очекуваат нови тензии во Тирана и други градови на Албанија, а ако Владата не прифати предвремени избори заедно со локалните, кои ќе се одржат во јуни оваа година, може да се очекува и целосен бојкот на институциите на власта од страна на опозицијата.