Во Албанија вчера се одржуваа парламентарни избори, а главните политички сили се Социјалистичката партија предводена од сегашниот премиер Еди Рама и Демократска партија на Љуљзим Баша, која се надева дека ќе ја преземе власта по осум години во опозиција. Премиерот Еди Рама и неговата Социјалистичка партија очекуваат двотретинско мнозинство во новиот парламентарен состав. Претседателот Илир Мета, кој доаѓа од редовите на опозицијата, во текот на кампањата дури најави и дека ќе поднесе оставка ако на изборите победи Рама.
Изборната кампања во Албанија беше проследена со тензии, но и сериозни инциденти. Во Елбасан едно лице беше убиено, по судир меѓу две групи во врска со обвинувањата за купување гласови. За идниот парламентарен состав од 140 пратеници се натпреваруваат 46 регистрирани политички субјекти.
Социјалистичката партија ја фокусираше кампањата врз масовната вакцинација против ковид-19, на изградбата на големите инфраструктурни проекти, пристаништа, аеродроми и автопатишта, тврдејќи дека тие ќе го зголемат економскиот развој на земјата и ќе вработуваат граѓани. Демократската партија сака да ги придобие гласовите на социјалната благосостојба, тешката социјална и економска состојба, невработеноста, заминувањето на младите од Албанија и на заложбите за формирање кредибилен правосуден систем.
Третата партија што се стреми да стане релевантна е Социјалистичкото движење за интеграција од Моника Криемади, која му е сопруга на претседателот на државата, Илир Мета. Оваа партија традиционално добива малку пратеници во Собранието, но игра голема улога при формирањето парламентарно мнозинство.
Во изминатите три децении, Албанија направила значителни промени, од падот на комунизмот, смета германската експертка за Балканот, Јохана Дајмел.
– Од тмурното сивило се создадени демократска рамка и правна држава, се разви граѓанското општество и има слободни и плуралистички медиуми – вели Дајмел за „Дојче веле“.

Албанија стана членка на НАТО, а наскоро ќе ги започне преговорите за пристапување во ЕУ. Но како што нагласува Дајмел, земјата со години е блокирана поради судирите на двете главни партии и тоа ја кочи во нејзиниот демократски развој. Последните години оваа спротивставеност ескалира во поголеми меѓусебни напади и протести на опозицијата, која имаше цел „да го ослободи државниот систем од корупција“.
Состојбата привремено се смири по посредувањето на ЕУ и на САД за изгласување на реформите на изборните закони, а главна промена беше воведување биометриски идентификување на гласачите. Но напнатоста и недовербата не беа целосно отстранети.

– Анкетите најавуваат тесна разлика во бројот на освоените гласови – прогнозира Африм Красниќи, директор на Институтот за политички студии во Тирана, во разговор за ДВ.
Според мислењето на политичкиот аналитичар и познавач на околностите на Балканот, Михаел Вајхерт, актуелната владејачка коалиција предводена од социјалистите „има добри шанси за победа на изборите доколку успее да ги мобилизира гласачите што се традиционално наклонети кон социјалистите“. За лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша, изборите значат „сѐ или ништо“.