Албанскиот премиер Еди Рама вчера од собраниската говорница призна дека Владата првпат од моментот кога е избрана има проблем со шефот на државата Илир Мета, кој се поврзува со непотпишувањето на указот за именување на Сандер Леши за нов министер за внатрешни работи.

– Многу од нас во салава гласаа Илир Мета да биде претседател. Тој ден немавме апсолутно мнозинство што го имаме денес, но бев целосно убеден дека Илир Мета е најсоодветен кандидат во околностите кога требаше да биде избран за претседател на Републиката. Од влегувањето во претседателската резиденција, целосно го оправда нашиот глас: го почитуваше Уставот и го одмеруваше кажаниот збор. Но, од саботата вечер, имаме проблем со претседателот создаден од претседателот – изјави Рама.

Според него, никој нема право да го попречува вршењето на уставниот мандат на Владата и обврска е на претседателот да го потпише указот без никакво толкување.

– Не сум ја изгубил довербата во претседателот. Сѐ уште го нема кажано последниот збор иако рокот измина. Кризата во земјата не е политичка, туку уставна, и ќе направиме сѐ да најдеме решение – изјави Рама, додавајќи дека е потребно трпение за наоѓање решение.

По говорот на Рама, кој траеше петнаесет минути, пратениците од мнозинството го усвоија указот за разрешување на досегашниот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај, со што се отвора патот Владата да го усвои предлогот Сандер Леши да биде именуван за заменик-министер.