Албанскиот премиер, Еди Рама, високо ја оценува поддршката на Австрија, во секој клучен миг низ кој минала неговата земја, посочувајќи ја како силен партнер на интеграцискиот пат кон ЕУ.
Во интервју за A-ер-де, Рама вели дека „Австрија одамна е поддржувач на Западен Балкан и отсекогаш била лојална и пријателски определена кон нас. Таа е исто така еден од нашите големи поддржувачи“.

Кога станува збор за почеток на преговорите со ЕУ, тој оценува дека „Албанија заслужува да добие почеток на преговори, зашто добила многу јасна препорака од комисијата“.
– Не можам да разберам како оваа машинерија, која чини милијарди за да состави значајни извештаи може да ги оспори своите цели. Се разбира, знам дека има земји-членки што имаат внатрешни проблеми, но цврсто верувам во душата на Европа. И во душата на Европа постои строг и правичен пристап, досега пристапот е строг и се надевам дека тоа не е неправедно – смета Рама.