Албанскиот премиер Еди Рама го спореди патот кон Европската Унија со претстава на Семјуел Бекет, во која ликовите се согласуваат да одат некаде, но после тоа не се движат.

– Тоа го отсликува она што се случува тука. Повеќе немам некое чувство и многу сум сериозен. Веќе воопшто не чекам да се случи тоа, ниту го чувствувам она што го чувствував претходно чекајќи нешто да се случи – рече Рама на „Преспа форумот“ во Охрид.

Тој додаде дека е потребно земјите од регионот да продолжат да се движат бидејќи, како што вели, тоа е единствениот начин наведувајќи дека балканските земји треба да се градат и да функционираат како и секоја земја членка.

– Дали ќе бидеме или не дел од Европската Унија, не зависи од нас. Тоа е надвор од наша контрола, ние не одлучуваме за тоа. Можеме да направиме многу работи додека е во тек вториот чин на Семјуел Бекет. Можеме да соработуваме во регионот, да работиме заедно и да ги подобриме работите за да ја подобриме нашата економија – рече Рама.

Како што наведе тој, заедничка акција на лидерите од регионот може да го олесни животот на сите граѓани што живеат во него.

– Зошто да чекаме да станеме земја членка за да тргуваме во регионот без пречки и чекање. Сè е во наши раце – рече Рама и додаде дека ќе ги отвори границите на Албанија за да се доаѓа побргу и без ограничувања.

Рама изјави дека има конфликти во регионот што треба да се решат, како што е конфликтот меѓу Србија и Косово, но таквите конфликти не треба, додаде тој, да ги држат другите неразвиени.

– Можеме да се согласиме или да не се согласиме за тоа прашање, но додека се обидуваме да го решиме, можеме да направиме нешто заедно. Можеби и тој проблем ќе стане помалку тежок за решавање – процени Рама.