Албанскиот премиер, Еди Рама по гласањето на локалните избори порача дека овие избори се за Албанија да биде онаква, каква што ја сакаат граѓаните и потенцира дека е многу важно да се почитува правото на секој граѓанин, без оглед дали одлучил да гласа или не.

– Денеска е важен ден за Албанија. Верувам дека овој ден еднаш и засекогаш ќе потврди дека никој не може да си поигрува со народот. Суверенитетот на народот не е празен збор, па оној кој се обидува да го одземе ќе се соочи со крај, неуспех и самотија. Важно е да се почитува секое право на граѓаните, безразлика дали гласаат или не. Историјата нам ни вели дека ова се избори за Албанија – онаква каква што ја сакаме за нашите деца – изјави Рама.

Од друга страна, опозициската Демократска партија, која заедно со обединетата албанска опозиција ги бојкотира изборите, го обвини Рама дека купува гласови дури и во оваа изборна трка каде во голем број општини единствен кандидат е неговата партија на гласачките листи.

Гласачите во 61 град и општина во Албанија денеска бираат градоначалници, а на половина од овие места нема противкандидати за владејачките социјалисти. Опозицијата претходно повика на бојкот и смена на премиерот Еди Рама, а поради стравувањето од насилни конфликти денеска на изборите, властите ангажираа и воени командоси. Пред четири месеци, целиот опозициски блок ги врати своите мандати и целосно го напушти албанскиот парламент, а претседателот Илир Мета потпиша указ за одложување на изборите, меѓутоа владејачката партија на Рама се спротивстави, а и изборната комисија во земјата наложи изборите да се одржат според предвиденото. Бојкотот на опозицијата наиде на критики и од страна на ЕУ и САД.