Српскиот ракетен систем „Шумадија“ може да погоди цели на оддалеченост од околу 280 километри. Станува збор за ракети со калибар од четиристотини милиметри со инерцијален навигациски систем, што се монтираат на камион, пишува „Нешнл интерест“.

Српскиот воен аналитичар Мирослав Лазански своевремено им кажа на руските медиуми дека ваквиот ракетен систем ѝ недостасувал на Србија за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

– Ова и беше потребно на Србија за да го спречи учеството на соседите во агресијата против нас во 1999 година. Шумадија може да погоди големи градови во соседните држави. Да се надеваме дека таков сличен конфликт нема да се повтори. Но доколку се случи и некој е доволно луд за да го отстапи воздушниот простор на трета држава што ја напаѓа Србија, сега имаме ракети што можат да достигнат до стратешки градови во регионот – кажа Лазански во изјава за руски „Спутник“.

Србија исто така ја зголемува бројноста на борбените авиони, благодарение на Русија и на Белорусија. Русија ѝ продава на Србија авиони МИГ-29, како и антиавионски ракети „Бук“ во зделка вредна 640 милиони долари.

Хрватска исто така купува нови борбени авиони, па одредени балкански аналитичари сметаат дека на овој начин се најавува трка за вооружување во регионот, се заклучува во написот на „Нешнл интерест“.