Заменикот на помошник-државниот секретар за прашања на стабилноста и безбедноста на Соединетите Американски Држави (САД), Пит Мароко, престојува денеска во Приштина, каде што утрово се сретна со косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Средбата беше затворена за медиумите, но Харадинај на својот профил на Фејсбук информира дека со високиот американски гостин разговарал за зачленувањето на Косово во Интерпол и за поддршката на САД за косовските интегративни процеси.
– Косово се залага за добрососедство и траен мир во регионот.

Помошникот на заменик-државниот секретар, Пит Мароко, го информирав за дејствата што ги презема Владата во борбата против сите форми на насилен екстремизам и радикализам што води кон тероризам и во тој аспект ние стоиме решително на страната на нашите сојузници – напиша Харадинај.
Тој, исто така, изрази увереност дека САД и другите сојузници ќе помогнат Косово да се зачлени во Интерпол, со што, како што вели, неговата земја ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и пошироко.