Бугарскиот претседател Румен Радев ќе го свика новото Национално собрание во рокот утврден во уставот, откако Централната изборна комисија ќе ги објави имињата на избраните бугарски пратеници во Службен весник, пренесе МИА.

Радев смета дека промените во бугарскиот устав не треба да станат залог за нечиј политички опстанок, како што соопшти неговата прес-служба во изјава за Бугарското национално радио (БНР), во врска со повикот на актуелниот премиер Бојко Борисов за свикување на големо национално собрание и за носење на уставни промени. Беше истакнато и оти Радев не е медијатор меѓу политичките сили во Бугарија.

Премиерот и лидер на партијата ГЕРБ која освои најмногу гласови на изборите, Борисов, вчера го повика Слави Трифонов од партијата „Има таков народ“ да ја преземе политичката одговорност. Борисов смета дека предлогот на ГЕРБ за формирање влада нема да помине, со што мандатот би го добил Трифонов, па затоа побарал од него да почне со составувањето на владина коалиција. Борисов истакна дека е подготвен да даде 10 пратеници за поддршка на идната влада на Трифонов, со цел Бугарија да има политичка и економска стабилност.