Нема да има промена во политиката на новата привремена влада. Зајакнувањето на државноста останува главен приоритет, рече бугарскиот претседател Румен Радев без да одговори дали ќе има промена во составот на привремената влада.

На 16 септември, Радев ќе го претстави составот и структурата на новата привремена влада, рече претседателот. Потоа ќе се распушти националното собрание.

– Идната преодна влада ќе продолжи да работи за рехабилитација на државата, за враќање на довербата во институциите. Се надевам дека она што го постигна сегашната преодна влада и што ќе прави понатаму, ќе го преземе редовниот кабинет – додаде Радев.

Претходно претседателот на Бугарија објави дека изборите ќе бидат „2 во 1″, односно и претседателски и парламентарни на 14 ноември.

Ова ќе бидат трети вонредни парламентарни избори годинава. На првите тесно победи Бојко Борисов, на вторите Слави Трифонов, но ниту едниот ниту другиот не успеаа да обезбедат мнозинство за формирање на Влада.