Во рок од два месеца, бугарската влада ќе понуди систем за стекнување вештини и вклучување на пазарот на трудот на 170.000 лица, на возраст меѓу 15 и 29 години, кои во моментот не се образоваат и не се работно ангажирани. Ова го најави министерката за труд и социјална политика Деница Сачева, која смета дека оваа идеја е одговор на еден од најголемите предизвици со кои се соочува бугарската економија во моментот – недостиг од работна сила. Општото мислење на аналитичарите и на деловните луѓе е дека Бугарија, можеби, нема да може да се развие доволно брзо поради проблемите со обезбедување работна сила, пишува „Капитал“.

– Сепак, важно е засегнатите лица да бидат писмени и да зборуваат бугарски. Со издавањето соодветни сертификати ќе му даде сигурност на работодавецот дека лицето има специфични вештини и во исто време на овие лица ќе им се овозможи да извршуваат легални работи – објасни Сачева.

Во моментов, работна група експерти во Министерството за социјални работи ги анализираат поединечните случаи, а намерата е тие да се вклучат во економските текови. Предвидени се и мерки за вклучување на лицата со посебни потреби на пазарот на трудот.

Министерството за социјална политика предлага и мерки поврзани со т.н. сина карта, која им овозможува на работодавците да ангажираат специјалисти од земји што не се членки на ЕУ. Идејата е да се има брза постапка за издавање одреден број картони за специфични професии како ИТ, хемија, компјутерска безбедност и сл.