Германското правило за Западен Балкан за вработување треба да остане во сила до 2023 година, пишува „Дојче веле“ и наведува дека граѓаните на Србија, Албанија, БиХ, Македонија и Црна Гора сепак ќе можат да доаѓаат во Германија без оглед на образованието.

– Олеснувањето кога станува збор за правилата за пристигнување на граѓани од Западен Балкан во Германија е продолжено – пишува „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“ (ФАЗ).

Во предлог-законот, во кој весникот имаше увид, се наведува дека работната сила од Западен Балкан треба да има полесен пристап до германскиот пазар на трудот во наредните три години.

По долги преговори во владејачката коалиција, министерот за труд Хубертус Хајл предложил закон со кој тоа се регулира и им го испратил на гласање на другите министри.

Законот во основа предвидува дека т.н. Правило за Западен Балкан од 2016 година, кое инаку истекува во декември годинава, ќе биде продолжено до 2023 година. Сепак, предвидена е нова горна граница: годишно во земјата можат да влезат максимум 25.000 луѓе од регионот.