Додека богатите земји проповедаат заштита на животната средина и ги критикуваат оние што не се доволно посветени, истовремено го извезуваат отпадот во Бугарија и во Романија

Деновиве најчестиот збор што можете да го слушнете во Романија и во Бугарија е отпад. Во јануари, Европската комисија ѝ се закани на Романија со казнена постапка поради кршење на пристапниот договор, затоа што од 2014 година не е постигнат никаков напредок во управувањето со комуналниот отпад. Во Софија, откривањето на планината од отпад предизвика политички потрес, што доведе до апсење на министерот за животна средина и голема полициска истрага во повеќе градови. Во двете земји истрагата беше предизвикана од италијанската полиција, која открила траги на илегален увоз на смет во организација на фирми што се блиски до мафијата и за тоа ги информирала европските партнери, пишува Ивајло Дичев, бугарски антрополог во авторски текст за „Дојче веле“.

Наеднаш граѓаните во овие држави станаа свесни за обемот на проблемот, кој инаку не е непознат. Помалку од десет отсто од отпадот се рециклира, а поголемиот дел се пали без какви било системи за филтрирање. Тоа е сериозна закана за здравјето на населението. Годишно во Романија се палат околу 100 илјади тони пластичен отпад.
Новиот бугарски министер за животна средина, кој го стекна прекарот Инспектор, секојдневно открива ридови смет што е увезен од странство и што никогаш не бил пронајден, затоа што фирмите што примиле пари во меѓувреме исчезнале. Наспроти ова, увозот на отпад е зголемен за дваесет пати во последните десет години!

Загадувањето не е проблем само за земјите од Истокот на Европа, кои се сметаат за најзагадени на континентот. ЕУ е загрижена поради одлуката на Кина од пред две години да престане да увезува отпад од целиот свет. Оваа криза има симболична димензија. Граѓаните во источноевропските земји се особено чувствителни кога ги сметаат за граѓани од „втора класа“. Државите што се сметаат за лоши деца на Европа велат дека станале депонија не само за Европа туку и за сите развиени земји. Глетките со планини од смет во кои сиромашните Роми пребаруваат по сметот предизвикуваат депресија и гадење, но и бес поради неспречување на „криминалните“ трансакции. Увозот на индустриски отпад ги потсетува граѓаните дека во нивните земји индустријата е уништена: производството и потрошувачката заминале на Запад, а ѓубрето се враќа на Исток.
Кон крајот на деведесеттите години имаше слична геополитичка тревога, кога почна да се размислува за почнување доходен бизнис со старечките домови во Бугарија и во Романија, во кои ветераните со добри пензии би плаќале да живеат во сончевите предели и да бидат згрижени со добра нега. Во исто време се одвиваше масовен егзодус на младите Романци и Бугари. Источноевропското его ја спречи можноста да станат дом за старци на Европа. Никогаш не дојде до масовни отворања на старечките домови за богатите пензионери од Западна Европа. Наместо тоа, негувателите од Исток заминуваат на Запад.

Заострувањето на еколошките норми на северозападна Европа само го зголемува очајот поради неправда. Додека се проповеда морал и додека нѐ критикуваат затоа што се давиме во смет, богатите земји продолжуваат да го праќаат овде и сопственото ѓубре. Затворањето на неколку гранични премини за увоз на отпад од други земји беше симболичен потег на Инспекторот.

Оваа мерка против глобализацијата на отпадот укажа на проблемот: капиталот се напластува на богатите места, а сметот во сиромашните. Критичарите тврдат дека спречувањето на прометот со отпадот од богатите би било кршење на прописите на ЕУ, а правилно третирање на отпадот е доходен бизнис и има значајна улога во зачувување на околината. Така, расправата продолжува… Што може да ги спречи Романија и Бугарија да ги продаваат здравјето на своите граѓани и убавината на природата за да може некој да заработи лесни пари? Европските прописи и казни нема да бидат доволни. Овие планини од смет таму биле со години, пред очите на сите граѓани. Но наместо да се бунат, многу од нив на тој куп едноставно ги фрлиле своите стари автомобилски гуми и продолжиле натаму.

Ивајло Дичев, професор по антропологија на Универзитетот во Софија, а неговиот текст е дел од серијата „Моја Европа“, на „Дојче веле“.