Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со вицепремиерката на Република Косово, Емилија Реџепи и косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла денеска го пуштија во употреба времениот граничен премин Стрезимир-Рестелица на границата помеѓу Република Македонија и Република Косово, кој ќе биде отворен за минување на граѓаните од двете земји од денеска до 01.09., секој ден од 08.00 до 20.00 часот.

За минување на границата ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно важечка патна исправа (пасош или лична карта). Преминот е значаен за развојот на туризмот на општините од двете страни на границата, како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините и ќе ги задоволи потребите во овој период на граѓаните кои живеат на подрачјето на Општина Маврово и Ростуше, Република Македонија и Општина Драгаш, Република Косово, а ќе ги користат во најголем број жителите на селата Ростуше, Велебрдо и Жировница – од македонска страна, и на селото Рестелица, од косовска страна, информираа властите.

Министерот Спасовски истакна дека отворањето на времениот Граничен премин Стрезимир – Рестелица е уште една заедничка контрибуција во име на заедничките цели – граници што ќе бидат безбедни и отворени за граѓаните.

– Овој граничен премин, иако по својот обем и карактер е практично од локален тип, сепак е во интерес на жителите од пограничните региони, за нивно непречено транзитирање од двете страни на границата, независно дали станува збор за економски, приватни или други причини – рече Спасовски.

Вицепремиерот на Република Косово, Емилија Реџепи во својот говор потенцираше отворањето на овој граничен премин е од исклучитечно значење за локалното население од овој регион, притоа изрази голема благодарност до министерот Спасовски за придонесот околу зближувањето на двете општини преку отворањето на овој граничен премин.