Рускиот амбасадор во Белград Александар Чепурин денеска изјави дека претседателот на Русија Владимир Путин ќе го посети Белград во октомври или во ноември.

– Имаме добри политички односи и го очекуваме тука во Србија претседателот Путин во октомври или ноември – им изјави Чепурин на новинарите на градилиштето на тунелот Чортановци, кој се гради во рамките на идната брза пруга Белград-Будимпешта.

Како што најави, во октомври ќе се одржи меѓувладин комитет за соработка на двете земји, на кој ќе се разгледаат повеќе прашања.

Чепурин наведе дека во Србија „доаѓаат стотина претставници на руските власти и на стопанските субјекти кои треба да ги разгледаат перспективите за наредните години.“

Тој додаде дека ова ќе се случи пред посетата на Путин на Србија, која според Чепурин „ќе ги одреди плановите за наредните години“.

Според него Русија станала трет надворешно-трговски партнер на Србија, а може да стане и втор партнер.