Едно лице загина, а две се повредени во пукање во Елбасан, што албанските медиуми го поврзаа со обид за купување гласови.

Пукањето се случува само неколку дена пред парламентарните избори во земјата, анализираат медиумите.

Локалниот социјалист Пјер Јувани бил застрелан, а ранет бил неговиот зет и полицаец, кои случајно се нашле на местото на конфронтацијата, пренесуваат албанските медиуми.

Полицијата го идентификувала напаѓачот, кој веднаш потоа се предал.

Арбер Пиплеска, кој е поранешен припадник на специјалните единици на албанската полиција и наводно локален функционер на Демократската партија, рекол дека пукал во самоодбрана.

Наводниот мотив за пукотниците е купување гласови пред парламентарните избори, кои се одржуваат в недела, пишуваат албанските медиуми.

Според написите, непосредно пред пукањето претставниците на демократите се пожалиле дека во Елбасан кружат возила без регистарски ознаки, од кои тие им нуделе пари на граѓаните во замена за гласови на изборите.