Неколку илјади демонстранти се собраа денеска на нов антивладин протест пред албанскиот Парламент во Тирана, во организација на здружената опозиција, која бара оставка на премиерот Еди Рама и распишување предвремени парламентарни избори.

Протестот почна во 10 часот со палење свеќи и полагање цвеќе пред парламентарната зграда, со што демонстрантите на симболичен начин сакаа да покажат дека „Парламентот е мртов“.

Опозицијата ја обвинува Владата на Рама за кражба на гласови на изборите, за корупција и за поврзаност со организираниот криминал.

Поради протестите откажана е собраниската седница предвидена за денеска.

Зградата на Парламнетот е опкружена со бодликава жица, а околу објектот се распоредени и околу 1.500 припадници на полицијата, специјалните полициски сили и гардата.

За време на антивладините протести одржани минатиот четврток дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, поради што, во пресрет на денешниот собир, апели за воздржаност упатија албанскиот претседател Илир Мета и Амбасадата на САД во Тирана.