Под мотото „Стоп за убивањето на жените и девојчињата“, активисти за човекови права, организирани од Мрежата на жени на Косово (МЖК), во понеделник, на 13 август, ќе организираат протест во Ѓаковица по повод убиството на една жена и на нејзината 9-годишна ќерка, што се случи на 6-ти овој месец , јави дописникот на МИА од Приштина.

Организаторите на протестот повикуваат на марш, кој ќе се одржи на пладне, од полициската станица до судот во Ѓаковица, каде што ќе се побара одговорност од надлежните органи кои не ги преземаат мерки за да ги спречат насилството и убивањето на жените и девојчињата.

– Бараме да се стави крај на насилството и да им го пренесеме на сите институции во Косово и на косовското општество нашето противење со само една реченица: Доста веќе со правдање!- се вели во повикот на граѓанските организации.

Косовската јавност бара одговорност од инситуциите кои не ги штитат жените, и покрај тоа што тие во полиција го пријавуваат семејното насилство. Во последниот случај, во Ѓаковица, каде мажот ја уби својата 40-годишна жена и 9-годишната ќерка, сега веќе покојната пријавила во полиција дека сопругот ѝ се заканил дека ќе ги убие двете, и тоа со смс-порака. Полицијата соопшти дека по пријавата го побарала мажот за да разговара со него, но не успеала да го контактира.